Меѓународните кредитори го претставија на кипарските власти конечниот список со условите од програмата за финансиска помош на земјата, јавија кипарските медиуми.
Тројката меѓународни кредитори составена од претставници на Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, ги заостриле своите барања зголемувајќи го процентот на буџетски намалувања и кревање на даноците до 1,2 милијарди евра. На почетокот на преговорите, пред четири месеци, стануваше збор за потребно штедење во вредност од 975 милиони евра.
Државната телевизија Си-Вај-Би-Си објави дека во суштина условите на тројката останале исти, наспроти барањата на владата доверителите да ја земат во предвид локалната ситуација и да ги намалат барањата. Телевизијата наведува дека доверителите остануваат на тоа да биде укината 13. плата, да бидат приватизирани државните претпријатија и да биде запрена државната финансиска помош на фондот за социјално осигурување.
Меѓународната тројка требаше посетата на Кипар да ја заврши утре, но беше соопштено дека претставниците на меѓународните доверители ќе останат на островот до средината на идната недела со цел да постигнат договор со кипарската страна за своите предлози.