Француското Министерство за надворешни работи соопшти дека меѓу жртвите во нападот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград има и ученичка од француска националност.
„Со тага дознавме за вооружениот напад што се случи во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград утрото на 3 мај, кој предизвика голем број жртви меѓу учениците и наставниците, меѓу кои и ученик од француска националност“, стои во соопштението на веб-страницата на министерството.
„Нашите служби и нашата амбасада во Белград се мобилизирани да ја дадат сета своја поддршка на семејството на нашиот млад сонародник. Мислиме и на семејствата на жртвите, на кои им изразуваме најдлабоко сочувство, како и на многуте повредени, на кои посакуваме брзо закрепнување“, се додава во соопштението.
Франција изразува целосна солидарност со српскиот народ и власти, соопшти француската дипломатија.