Во Албанија во првата фаза на имунизација против Коцив-19 ќе бидат опфатени 20 проценти од популацијата, што значи 600 илјади лица или 1,2 милиони дози вакцини.
Според министерката за здравство и социјална заштита Огерта Манастирлиу се прават напори да бидат вакцинирани сите над 16-годишна возраст.
-Прво ќе бидат вакцинирани здравствените работници, па лицата над 75-годишна возраст. Има лица кои живеат во старски домови и тие ќе бидат прво вакцинирани, со цел да се намали ризикот. Во целиот свет проблематична беше појавата на вирусот во старските домови. Паралалено со тоа ќе бидат вакцинирани и полициските службеници и припадниците на армијата, рече Манастирлиу, гостувајќи во емисијата „Опен“ на Топ чанел телевизија.
И таа како и премиерот Еди Рама не кажа од каде се 957-те вакцини со кои вчера почна вакцинацијата, само рече дека станува збор за пријателска земја, членка на ЕУ, од каде очекуваат уште две илјади вакцини.
Во меѓувреме медиумите пренесуваат дека вакцините се донација од Австрија.
-Разговараме со сите компании без исклучок. Со „Фајзер“ веќе имаме договор за 500 илјади вакцини. Следната недела очекуваме 5.000 дози и над 10 илјади на крајот на месецов. Потоа во февруари ќе добиеме 30.250 дози и така по ред според договорот. Од друга страна, преговараме со земјите на ЕУ за набавка на дополнителни колчества. Прво ќе имунизираме 20 отсто од популацијата, а тоа значи 600 илјади лица или 1,2 милиони вакцини. Нашите напори се да ја опфатиме целата популација над 16-годишна возраст, додаде таа.
Министерката информираше дека поседуваат ладилници во кои на минус 70 степени може да се чуваат до 250 илјади вакцини и оти се работи на зголемување на капацитетите.