Во првите неколку часа од претседателските избори во Словенија е забележана слаба излезност, каде до 11 часот своето право да гласаат го искористиле 14,4 проценти од избирачите, соопштија агенциите.
Според изборните власти, излезноста на избирачите е пониска од онаа на претходните избори, кога во исто време, до 11 часот, гласаа 17 проценти, а до крајот на изборниот ден – 58,5 проценти.
Предизборните анкети му даваат предност на независниот кандидат Данило Тирк, актуелниот претседател на Словенија, пред опозицискиот лидер социјалдемократот Борут Пахор, поранешен премиер на земјата.
Доколку никој од кандидатите не освои над 50 проценти, двајцата кандидати кои ќе освојат најмногу гласови, ќе одат во вториот круг, закажан за 2 декември.
Европратеникот Милан Звер, номиниран од конзервативната Словенечка демократска партија на премиерот Јанез Јанша има сосема мали шанси да стигне до вториот круг.
Околу 1,6 милиона избирачи до 19 часот ќе можат да гласаат на 3.300 избирачки места.