Лидерите на земјите од Западен Балкан и на ЕУ ќе се состанат утре во Софија на самит во рамките на Берлинскиот процес.
Покрај лидерите, на самитот се очекува да присуствуваат министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, а функционерите од Западен Балкан треба да усвојат акциски план за заедничкиот економски пазар, најави Европската комисија.
Во пресрет на утрешниот самит, еврокомесарот Вархеји изјави дека регионалната соработка „не е замена за интеграцијата во ЕУ“, туку „основен дел од процесот што води кон неа“.
Тој додаде дека планот за регионален пазар е „клучен за зголемување на привлечноста и конкурентноста на регионот и приближување на регионот до единствениот пазар на ЕУ“.
– Заеднички регионален пазар исто така ќе даде огромен поттик за поврзување на жителите. Една од неговите амбиции е слободно движење на луѓето. Ова, на пример, ќе им овозможи на луѓето да патуваат само со лични карти, да се укинат работните дозволи и да ја олесни мобилноста на студентите, истражувачите и професорите, вели Вархеји.
Тој потсети дека во октомври Европската комисија го усвои Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан во износ од девет милијарди евра неповратна помош со цел да се поттикне одржлив економски развој и да се намали јазот со ЕУ и дека негувањето на регионалната соработка е централен елемент на тој план.
Во исто време, еврокомесарот порача дека стимулирањето на инвестициите и економскиот раст и обезбедувањето работни места за младите во Западен Балкан се можни само ако владите се цврсто посветени на спроведување на темелни реформи.
– Структурните економски реформи, јакнењето на владеењето на правото и демократските принципи, борбата против корупцијата, подобрувањето на реформите во јавната администрација се клучни за обезбедување на долгорочна безбедност и стабилност во регионот, нагласи Вархеји.
Самитот во Софија се одржува во рамките на Берлинскиот процес и е седми самит во рамките на процесот што започна во 2014 година во Берлин.