Познатиот српски актер Бранислав Лечиќ, кого 28 години помладата колешка Даниела Штајнфелд го обвини дека пред девет години ја силувал, во изјава за српските медиуми во врска со случајот, вели дека не сака детално да го коментира случајот додека Обвинителството одлучува дали да поведе постапка против него.
„По ова, медиумите можат да ме прашаат што било, апсолутно немам проблем. Но, прво Обвинителството, па се друго. Јас ќе се изборам за вистината, од почеток до крај. Нема збор. Ги почитувам сите закони на оваа држава, на која ѝ припаѓам, па затоа подоцна ќе зборувам во јавноста. Нема судење прво во медиумите, па потоа во Обвинителството. Секако, на Обвинителството му стојам на располагање, и тоа што побрзо. Исто така, секогаш сум подготвен и за полиграф, во секое време на денот и ноќта. Се работи за одбрана на мојата личност и на концептот на светот, затоа што ова е атак на мојот поглед на светот. Јас никогаш не сум бил груб спрема ниедна жена. Напротив,“ изјави Лечиќ за „Новости“.
Актерката Штајнфелд вчера излезе во јавноста со обвинување дека Лечиќ, со кого таа во тоа време играла театарска претстава, ја одвел со неговиот автомобил на периферијата на Белград, каде долго време ја измачувал и ја силувал. Актерката објави и снимен телефонски разговор со Лечиќ, во кој тој не го негира инцидентот.
Актерот и политичар, кој беше министер за култура на Србија, се огласи и вчера, кога беше објавено интервјуто на Штајнфелд за „Инсајдер“ со обвинувањата.
„Јас, Бранислав Лечиќ од Белград, наодлучно негирам какви било обвинувања кои се изнесени на моја сметка. Никогаш во животот не сум сторил ниту едно кривично дело, а камоли делото силување или кое било сродно или слично дело! Ја користам оваа можност да соопштам дека од надлежното обвинителство, како и од јавноста, немам апсолутно ништо да кријам, како и дека немам намера да ја напуштам територијата на Србија,“ рече претходно во соопштение Лечиќ, и тогаш нагласувајќи дека е подготвен да оди на детектор на лаги.