„Ле Темп“: Балканот во Трст доби само заедничка економска зона

Од:

Лидерите на Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Косово се сретнаа на највисоко ниво во Трст, но не добија никаква силна порака од ЕУ за продолжување на процесот на проширување на Унијата кон Југоисточна Европа, туку ја напушти Италија само со ветување за создавање на „регионална економска зона“, оценува швајцарскиот дневен весник „Ле Темп“ во својот осврт на Самитот од Трст.

Како што јави дописникот на МИА од Париз, женевскиот весник нагласува дека по Берлин, Виена и Париз, лидерите на шесте земји од Западен Балкан сретнаа во Трст во рамки на Берлинскиот процес.

Овој процес беше промовиран во 2014 година од страна на германската канцеларка Ангела Меркел, со цел да ја пополни празнината што настана со најавата на претседателот на Европската комсија, Жан-Клод Јункер за одлагање на проширувањето на ЕУ. Во овој контекст, лидерите од регионот сакаа да знаат дали изгледите за проширувањето се се уште реални и во кои временски рамки, но најверојатно го напуштија самитот разочарани, оценува весникот.

Според „Ле Темп“, наместо силна политичка порака, единствената конкретна одлука што произлезе од Самитот во Трст е најавата за промоција на „регионална економска зона“, еден вид на минијатурна копија на заедничкиот европски пазар.

– Јас сум многу задоволен што лидерите на земјите од Западен Балкан го потврдија формирањето на економската зона, изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. – Ова значи создавање на простор од околу 20 милиони луѓе, каде што движењето на стоки и услуги ќе биде слободно, додаде тој.

Проектот беше најавен на економскиот форум, што се одржува паралелно на Самитот на шефови на држави ики владата, но тоа ни оддалеку не предизвика вистински ентузијазам. Спротивно на тоа, земјите во регионот не ги кријат своите стравови дека овој мини-пазар е замена за процесот на реална интеграција, држејќи ги уште долго време пред портите на Унијата, смета швајцарскиот весник.

Според „Ле Темп“, стравувањата се особено акутни во „водечкото трио“ – Албанија, Црна Гора и Србија, кои пред неколку години ги почнаа пристапните преговори и кои стравуваат деќа ќе бидат „забавени од помалку напредните соседи“ – Босна и Херцеговина и Македонија, кои се уште не ги започнаа овие преговори, како и од Косово, кое се уште има статус на „виртуелен кандидат“.

Швајцарскиот весник смета дека практичните договори за функционирањето на идната „економска зона“ остануваат непознати, во услови кога овие балкански земји заедно со со Молдавија се веќе дел од Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА).

Пазарите во регионот се претрупани од масовниот увоз на европски производи, па ЕУ се наметнува како прв економски партнер на сите земји во Југоисточна Европа, оценува „Ле Темп“’.

Ако Балканот чека на објавувањето на новите европски обврски, тие ќе бидат на негова сметка. Неколку од избраните инвестициски проекти од страна на ЕУ, најверојатно, нема да го одложат егзодусот на младите од Балканот кон Западна Европа, заклучува во коментарот швајцарскиот дневен весник „Ле Темп“.

Би можело да ве интересира

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

Екстремен топлотен бран на Балканот, Македонија и соседите вријат

Балканот денеска е најтоплиот дел од Европа

Катерина Ѓуровски

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Лидерите на Европската Унија усвоија 18 заклучоци, од кои еден се однесува на роамингот на Балканот

Голема балканска акција за лов на педофили: 39 осомничени, вклучена и Македонија

Анита Петровска Рајковиќ