Курти нема да оди кај Тачи на консултации за формирање нова влада на Косово

Од:

Лидерот на партијата Движење Самоопределување (ВВ) и премиер во оставка на Косово Албин Курти нема да одговори на поканата од претседателот на државата Хашим Тачи за консултативна средба за формирање на новата влада на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тачи во понеделникот најави дека, в среда, на 1 април, ќе ги започне консултациите со парламентарните партии за формирање нова Влада, откако на кабинетот на Курти пред една недела му беше изгласана недоверба од страна на Собранието.

Првата официјална покана Тачи ја испрати до Курти, како лидер на партијата победничка на изборите од 6 октомври минатата година, а најавени се консултации и со челниците на другите парламентарни партии.

Потпретседателката на косовското собрание и пратеничка на ВВ Арберие Нагавци попладнево им изјави на новинарите дека сега „не е време за средби“ и му порача на претседателот на државата да го почитува Уставот и да прогласи нови парламентарни избори веднаш штом се созадат услови за тоа, односно откако ќе се реши проблемот со епидемијата со новиот коронавирус.

– Поради состојбата со корнавирусот, Владата ќе продолжи да ја менаџира ситуацијата, а претседателот Тачи треба да прогласи вонредни избори, штом се создадат услови за тоа. Не е време за средби, треба да бидеме посветени на почитувањето на одлуките на Владата, изјави Нагавци.

Претставничката на ВВ изјавата за новинарите ја даде пред Уставниот суд на Косово, каде што во име на партијата поднесе барање за оценка на неодамнешниот повик на Тачи до граѓаните да не се почитуваат мерките на Владата за ограничување на движењето во одредени периоди на денот.

Порано денеска беше јавено дека, поради истата причина, и полицијата на Косово поднесе кривична пријава против Тачи, со образложение дека со изјавата од 23 март предизвикал „неизвесност кај граѓаните, можен хаос на улиците и ширење на заразата“.

Би можело да ве интересира

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

УЕФА донесе одлука за прекинатиот натпревар меѓу Романија и Косово

Курти: Косово и Македонија немаат несогласувања, ние сме соседи, пријатели и партнери

Катерина Ѓуровски

Мицкоски пристигна во Косово, во тек меѓувладината седница

Катерина Ѓуровски

Заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово во Приштина