Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти вели дека заедно со лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа се подготвени да работат на обединување на опозицијата со цел да го спречат натамошното деградирање на владеењето и загрозување на територијата на државата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Ваквата порака Курти ја објави на неговата страница на Фејсбук, по денешната средба со лидерот на ЛДК, во домот на Мустафа.
– Подготвени да ја координираме опозициската соработка со цел деградирањето на владеењето и загрозувањето на територијата да се спречат што поскоро. Косово како никогаш порано нема итна потреба од нова и квалитетна власт, напиша Курти.
Во врска со средбата со истата порака како онаа на лидерот на ВВ се огласи и лидерот на ЛДК.
– Денеска се сретнавме со г. Албин Курти … и разговаравме за многу теми кои ја оптоваруваат косовската актуелност. Изразивме готовност да ја интензивираме опозициската соработка со цел деградирањето на владеењето и загрозуваењто на територијата да се запрат што поскоро. Косово како никогаш порано нема итна потреба од нова и квалитетна власт, напиша Мустафа на својот профил на Фејсбук.
Првично, по двочасовната средба во домот на Мустафа, лидерите на двете најголеми опозициски партии одбија да кажат за што разговарале, најавувајќи дека тоа ќе го сторат набргу.
Оваа средба дојде само четири дена пред протестот свикан од ВВ со мотото „да го спасиме Косово од (Хашим) Тачи“, а со цел да се спречи косовскиот претседател да преговара за размена на територии со Србија.
Мустафа вчера свика седница на претседателството на ЛДК, по која беше соопштено дека партијата ги интензивира активностите за изготвување платформи за дијалогот со Србија и за вонредни парламентарни избори. Член на партиското раководство по седницата им изјави на новинарите дека ЛДК нема да учествува на протестот на ВВ на 29. септември.