Курти: Координацијата со сојузниците е зголемена поради случувањата во северно Косово

Од:

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека неговата влада ја зголемила координацијата со меѓународните сојузници поради ситуацијата создадена на северот од земјата по излегувањето на Србите од косовските институции, јави дописникот на МИА од Приштина.

По денешната средба со лидерите на опозициските партии, Курти изјави дека во врска со состојбата има поинтензивна комуникација со амбасадите на таканаречената „Квинта“, односно петте највлијателни западни држави кои имаат дипломатски претставништва во Косово – САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција, како и со НАТО, со Вашингтон и со мисиите на КФОР и ЕУЛЕКС.

Тој порача дека оние што ги критикуваат владините дејствија „можат да прават што сакаат во рамки на законите“ и нагласи дека во оваа ситуација Косово го одбрало патот на мирот.

– Не е вистина дека не знаеме по кој пат се движиме. Нашиот пат е патот на мирот. Планот на дејствување е на нашите безбедносни органи, тие ги вршат проценките за дејствијата и реакциите кои ги преземаме. Сé се одвива според законот, процедурите и правилата, за почитување на суверенитетот, уставноста и територијалниот интегритет на државата, изјави Курти.

Тој изјави дека од опозицијата не добил барање за одлагање на спроведувањето на одлуката за санкции за оние кои нема да ги променат регистерските таблички издадени во Србија со оние со ознаката РКС – Република Косово.

– До 21 ноември ќе се продолжи со изрекување укори (за тие што нема да ги сменат табличките), а по 21 ноември ќе се премине на изрекување казни, како што е предвидено со законите на државата, рече Курти.

На денешниот состанок кај Курти присуствуваа лидерите на Демократската партија на Косово и Демократскиот сојуз на Косово, односно Мемли Красниќи и Љумир Абдиџику, додека оној на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај ја напушти средбата набргу по започнувањето и изјави дека премиерот држел “предавања“ и не објаснил „зошто ги расипа односите со Америка“.

Красниќи и Абдиџику по средбата изјавија дека од Курти не слушнале конкретен план за справување со состојбата и дека побарале поголема соработка на владата со САД и европските сојузници.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

ВЛЕН: Македонија и Косово постигнуваат одлично соседско партнерство откако ние сме на власт

Горан Наумовски

ЕУ: Напредокот во нормализирањето на односите со Белград е единствениот начин Приштина да напредува

Таравари: На Косово му е потребно Курти да продолжи уште четири години со владеење

Избори на Косово: Самоопределување има 41,29 проценти од гласовите

Катерина Ѓуровски

Први резултати на ЦИК во Приштина: Самоопределување освои најмногу гласови – 37,18 отсто

Горан Наумовски

Затворени се избирачките места во Косово

Горан Наумовски