Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) и мандатар за состав на новата Влада на Косово Албин Курти, по повод денешниот Ден на сеќавање на жртвите од холокаустот, изрази надеж дека таквите, како што вели, болни, ужасни и трагични настани, никогаш повеќе нема да им се повторат, не само на Евреите, туку на ниеден народ во светот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на својата страница на Фејсбук, Курти напиша дека Албанците знаат „како е да си непожелен“ и „етнитет од втор ред, кој може да се прогонува, силува и уништува“.
– Ние Албанците знаеме, за жал, како е да си непожелен, ентитет од втор ред, кој може да се прогонува, силува, уништува, по налог на власти и држави кои убиваат еден народ од името на друг народ, напиша Курти.
Порачувајќи дека „холокаустот треба да се помни вечно, како во Израел така и во целиот свет“, тој потсети и на подоценежните злосторства врз цивилното население, односно на, како што ги нарече, геноцидите во последните војни на овие простори, како оние во Сребреница во Босна и Херцеговина, Рачак во Косово и други.
– Веројатно сличностите во болните историски искуства направија пред осум децении Албанците да ги штитат толку колку што можат Евреите кои живееја со нив, како и другите кои се обидуваа да побегнат од нацистичкиот бес. Заштитата на жртвите не се направи за слава, или за благодарност, туку едноставно затоа што така треба. Таква е човечноста. Да ги спроведуваш заповедите на власта против тоа што значи човечка совест, значи да се претвориш себеси во машина – а последиците од тоа беа кобни, во времето на наци-фашизмот, но и подоцна со геноцидите во наша близина и кај нас, првин во Сребреница, а потоа и во Рачак, Круша, Меја…, напиша Курти.