Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба му се заблагодарил на неговиот грчки колега Никос Дендиас за одлуката на Грција да не го евакуира персоналот од амбасадата во Киев, соопштија преку „Твитер“ од грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.
Дендиас денеска е во посета на украинските градови Мариупол и Сартана, каде што ќе се сретне со претставници на грчката дијаспора, а остварил и телефонски разговор со Кулеба, го информирал за посетата, како и за намерата Грција да го зајакне грчкиот конзулат во Мариупол.
Во таа насока, министерот за надворешни работи на Украина ѝ се заблагодарила на Грција за нејзината одлука да не го евакуира персоналот од амбасадата во Киев, а Дендиас, како што напиша на „Твитер“, повторил дека Грција „ги поддржува независноста и територијалниот интегритет на сите држави“.
Шефот на украинската дипломатија исто така преку „Твитер“ рече дека е благодарен за одлуката на Дендиас да ја посети Украина „во ова време на предизвици“ и ја повикал Грција „да ги искористи сите можности во билатералните односи со Русија за да ја одврати Москва од понатамошни агресивни дејствија“.
Извор: МИА