Коверт со куршум пристигна во грчкото Министерство за финансии, а ковертот бил адресиран до главниот секретар на институцијата Јоргос Мегрос.
Пратката не стигнала до кабинетот на Мегрос, туку останала на портирницата на Министерството. Ковертот е отворен во присуство на полицијата и во него имало куршум со мал калибар и белешка. Полицијата почна истрага за расветлување на случајот.
Мегрос неодамна изјави дека минималната плата во земјата и натаму е висока, а по неа Владата објави повеќе деманти на ова тврдење.
Коверт со кушрум пред околу една недела доби и министерот за финансии Јанис Стурнарас. Во него имаше и белешка со закана дека „последиците за министерот ќе бидат несогледливи“, доколку се обиде да преземе мерки против должниците со истечени хипотеки. Одговорноста за пратката беше преземена од организацијата „Критска револуција“.