Невладината организација „Актив“ од Северна Митровица ја промовира денеска својата нова интернет-страница, чија цел е да придонесе за зближување меѓу српската и албанската заедница во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Порталот е насловен „Српско-албанско пријателство“, а неговите содржини се достапни на три јазици – српски, албански и англиски.
На денешната промоција на порталот, неговата авторка, Александра Павловиќ изјави дека цел на проектот е „посебно младите да научат за добрите страни на српско-албанските односи, за кои не се знае доволно“, објави косовскиот медиум на српски јазик Радио КИМ.
– Тука може да се најдат различни приказни, како на пример за (актерите) Фарук Беголи и Беким Фехмиу, за Скендербег, за српско-албанските врски во Средниот век. Сите тие врски ве водат кон поголема воздржаност. Тоа не се класични академски истории, туку имаат повеќе новинарски карактер, изјави Павловиќ.
Извршниот директор на Фондот на Косово за хуманитарно право, Беким Бљакај рече дека „една таква интернет-страница им е потребна на Србите и Абанците на патот кон помирувањето“.
– Главно луѓето во Косово и Србија ги користат или ги добиваат информациите кои им ги нудат медиумите, било електронски или од друг вид, и никогаш не можат лесно да дојдат до информации како овие што ги нуди овој портал. Мислам дека е многу значајно тие што се заинтересирани, посебно младите, да имаат извор на информации за српско-албанските односи низ историјата, изјави Бљакај.
По презентацијата на страницата, се одржа дискусија на тема „Заедничкиот живот на Србите и Албанците во очите на домашните активисти и набљудувачи“.
Граѓанската активистка за човекови права, Нора Ахметај изјави дека позитивни примери од соживотот на Албанците и Србите тешко може да се најдат во јавноста, додека извршниот директор на НВО Актив, Миодраг Миличевиќ изрази уверување дека „подбуцнувачката реторика на политичарите се одразува негативно на односите меѓу двата народи“.
Учесниците на трибината се согласија дека првиот чекор кон помирувањето меѓу Албанците и Србите треба да биде расветлувањето на судбината на исчезнатите лица од последната војна во Косово, објави Радио КИМ.
Извор: МИА