Најголемата косовска опозициска партија, Движење самоопределување (ВВ), на чие чело е поранешниот премиер Албин Курти, најави формирање на „Трета Република“ по вонредните парламентарни избори кои ќе се одржат в недела, на 14 февруари, пишува порталот „Газета Експрес“.
Порталот го цитира правниот застапник на ВВ, Блерим Салаху, кој преку неговата стрница на Фејсбук порача дека изградбата на „Третата Република“ ќе започне „веднаш по изборите“.
– Друга алтернатива нема: Веднаш по изборите треба да започнеме да ја градиме Третата Република, напиша Салаху.
„Газета Експрес“ потсетува дека формирање „нова република“ во минатото најавуваше лидерот и кандидат за премиер на ВВ на овие избори, Курти, но оти „извесно време го нема спомнувано тоа“.
– Треба да се проба социјалдемократијата, треба да се проба една левичарска влада. Третата Република се создава преку социјалдемократијата. Развојот треба да стане клучниот збор на новиот државен курс. Додека тоа не се случи, ние ќе продолжиме да живееме во оваа втора Република, во која економијата е доминирана од приватизацијата и непотизмот. Третата Република ние ја гледаме како Република за развој и во исто време како Република во која се дефинираат некои нови принципи, ја пренесува косовскиот медиум изјавата на Курти од март 2015 година.