Грчката полиција и опозициската партија Сириза побараа од Обвинителството да ја испита снимката на Би-Би-Си на која член на неонацистичката „Златна зора“ зборува за нападот врз пратеникот на Сириза Димитрис Стратулис од што се заклучува дека неофашистите биле вмешани во инцидентот.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, портпаролот на полицијата Христос Манурас за Би-Би-Си изјави дека копија од снимката е испратена во Обвинителството, а во меѓувреме и Сириза презела правно дејство.
Новинар на Светскиот сервис на Би-Би-Си присуствувал на состанок на членови на „Златна зора“ од кој емитуваше снимка која фрла сомнеж врз тврдењата на неофашистичката партија дека не е вмешана во нападот врз пратеникот Стратулис. Тој беше претепан пред Олимпискиот стадион ноќта на 16 декември од страна на тројца мажи кои тврделе дека се членови на „Златна зора“.
Партијата демантираше дека била вмешана во нападот и соопшти дека ќе го тужи Стратулис за клевета откако тој ги нарече неофашистите „банда криминалци“.
Сепак, аудио снимката што ја направил новинарот на Би-Би-Си Тим Френкс за време на состанок на околу 80 членови на партијата неколку дена по инцидентот, сугерира дека „Златна Зора“ била вмешана во нападот.
– Пред се, сакам да го изразам моето незадоволство во врска со некои од поновите членови на „Златна Зора“, кои само викаат и провоцираат, вели лицето што го отвора состанокот на партијата. Снимката ја емитуваше и Би-Би-Си Радио 5 Лајв.
– Тројца од нив половина час го тепале сиромашкиот човек, а не успеале ни модринка да му направат. Тоа е срамота, рекол во смеа неидентификуван член на неофашистите по што добил аплауз од присутните.