Претседателот на Република Кипар Никос Анастасиадис и лидерот на кипарските Турци Мустафа Акинџи на средбата вчера во Никозија се договорија да почнат нови интензивни разговори во рамки на напорите за пронаоѓање решение за проблемот на поделениот остров.
Вчерашната средба на кипарските лидери беше првата по неуспешните разговори во швајцарското одмаралиште Мон Пелрен минатиот месец.
Тие постигнаа согласност преговорите понатаму да се водат во Никозија и Женева.
Интензивниот дијалог во Женева ќе се одржи на 9 јануари 2017 година, а на 11 истиот месец кипарските лидери ќе разменат патокази за тоа како ќе се распределуваат териториите меѓу двете етнички заедници на островот во рамки на идната држава.
За 12 јануари е планирана меѓународна конференција за Кипар.