Претседателот на Република Кипар, Никос Анастасијадис не исклучува нова конференција во Женева, со цел продолжување на разговорите за повторно обединување на островот, по онаа во јануари, пишува „Катимерини”.
Анастисијадис ја оцени како добра вчерашната средба со специјалниот претставник на ОН за Кипар, Еспен Барт Ајде, додавајќи дека тоа само по себе не е доволно.
– Она кон коешто се стремиме, е решение на кипарскиот проблем, а не начин за да го прекинеме дијалогот, појасни тој.
Ајде разговараше и со лидерот на кипарските Турци, Мустафа Акинџи, при што нагласи дека улогата на ОН не е посредништво во преговорите, ниту пак работат на некаков план за островот.
– Имавме такви обиди во минатото и тоа беше неуспешно, и нема да ги повториме, нагласи специјалниот претставник.
Претходно кипарската Влада соопшти дека „заканите” на Турција за попречување при барањето нафта и гас во водите околу Кипар може да се сметаат за закана за самиот преговарачки процес.
Анастасијадис пак, вчера изјави дека истражувањата за јаглеводороди „нема да бидат попречени од ничии закани”.