По неколкумесечна дебата кипарскиот Парламент денеска го донесе таканаречениот „закон за лимузини“, со кој значително се ограничува бројот на официјални лица кои можат да користат службени автомобили на државен трошок, пренесе ТАСС, повикувајќи се на весникот „Сајпрус мејл“.
Според новиот закон лимузините со возач, што се на располагање 24 часа, строго се ограничени само за шефот на државата, претседателот на Парламентот, претседателот на Врховниот суд, главниот обвинител и неговиот заменик, генералниот ревизор, како и за поранешните претседатели на земјата и претседатели на Парламентот.
Освен овие високо позиционирани лица, автомобили за сметка на државата ќе можат да користат само актуелните членови на Владата, началникот на полицијата, командантот на Националната гарда, шефот на тајната служба и сопругата на претседателот на државата.
Законот определува и „втор круг“ официјални лица, кои имаат право да користат државни лимузини, но само за официјални настани. Меѓу нив се сопругите на поранешните претседатели, првиот човек на делегацијата на кипарските Грци во преговорите за кипарското прашање и постојаните државни секретари на некои министерства.
Истовремено, законот на сите кои досега располагаа со службени автомобили – градоначалници, комесари за различни проблеми, раководители на државни агенции и претпријатија и на многу други чиновници им дозволува да ги користат возилата но само во текот на работно време, до 1 јануари 2016 година.
Според податоците на Министерството за финансии, во 2011 година расходите за користењето на службени автомобили изнесувале 226,300 евра, а во 2013 година се зголемиле на 283.000 евра.