Акциите на најголемата банка во Кипар – Кипарската банка, од денеска повторно се тргуваат на берзите во Никозија и во Атина, по отсуството од речиси 21 месец заради финансиската криза во оваа земја во 2013 година, пренесоа француските медиуми.
Со фиксирана првична цена од 24 евро центи на отворањето на тргувањето на берзата, што како вредност беше три пати над котирањето при соборувањето на хартиите од вредност на берзата во март 2013 година, вредноста на акциите на Кипарската банка поевтинија за приближно девет отсто уште во првите часови на тргувањето во Никозија.
Во продажба беа пуштени 8,9 милијарди акции на банката.
Во март 2013 година по крахот на финансискиот сектор во Кипар за оваа островска земја беше одобрен спасувачки план вреден 10 милијарди евра под патронат на ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд во замена за драконовски мерки за штедење.
Банката во меѓувреме претрпе масовно преструктурирање и сега мнозинството членови на нејзините управни органи се странци. Нејзин претседател е Швајцарецот Јозеф Акерман, а двајца потпретседатели се Американецот Вилбер Рос и Русинот Владимир Стржалковски.
Во третото тримесечје од 2014 година кипарската економија се намали за 0,3 отсто и тоа беше трето последователно тримесечје „во црвено“, потсетуваат француските медиуми.