Никозија нема да се согласи со одмрзнување на спорните поглавја во преговорите за приклучување на Турција кон Европската унија, а не е исклучено Кипар да стави и вето, информира електронското издание на кипарскиот грчки весник „Филелефтерос“.
– Во преговорите со лидерите на ЕУ кипарскиот претседател Никос Анастасиадис ја изложи јасната позиција на Никозија замрзнатите преговарачки поглавја да можат да се отворат само доколку Турција ги исполни своите обврски, изјави портпаролот на кипарската Влада, Никос Христодулидис.
Портпаролот појасни дека меѓу барањата на Турција, во рамки на разговорите од спогодбата за надминување на бегалската кризаз, е и одмрзнувањето на пет преговарачки поглавја, што се блокирани од Република Кипар.
Според Христодулидис, европските лидери чувствуваат дека Турција не може да ја искористи својата улога во хуманитарната криза за да добие олеснувања во процедурата за приклучување.
Повикувајќи се на свои извори „Филелефтерос“ информира дека ултиматумот на турскиот премиер Ахмет Давутоглу и новото пазарење на Анкара предизвикале остра реакција меѓу некои земји-членки на ЕУ, како Франција и Белгија. Германија, меѓутоа, смета дека единствен начин за справување со бегалската криза е соработката со Турција и затоа се обидува да им удоволи на барањата на Анкара, дополни весникот.
Иста позиција има и холандското претседателство со ЕУ, кое на вчерашните преговори во Брисел направи се што може за да ги подржи турските позиции.