Кипарскиот претседател Никос Анастасиадис изјави денеска дека Владата не планира да ги нарушува условите на антикризната програма, постигната со тројката меѓународни кредитори (Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд) во март 2013 година во замена за кредитот од десет милијарди евра, јави ТАСС.
– Ни претстои тежок пат, но јас сум целосно сигурен дека ќе победат духот на единството и одлучноста, кои кипарскиот народ веќе го демонстрира, додаде тој.
Со оваа изјава Анастасиадис се дистанцира од ставот на новата грчка Влада, која најави дека ќе откажува од соработката со тројката и побара преразгледување на спогодбата за исплаќање на долгот.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас во понеделникот ја посети Никозија и се обиде да ја добие поддршката на Кипар за неговата економска стратегија. Тој го повика Кипар да се откаже од механизмот на тројката.