Кипар ќе почне со постепено намалување на рестриктивните мерки

Од:

Се наоѓаме во третата седмица од карантинот што беше воведен на 10 јануари 2021 година, а подобрувањето на епидемиолошката слика ни дозволува, постепено да започнеме со олабавување на рестриктивните мерки, соопшти министерот за здравство на Кипар Константинос Јоану, јави дописничката на МИА од Атина.

Од понеделник 1 февруари ќе почнат со работа берберниците, фризерските и козметичките салони, од 25 на 50 отсто ќе се зголеми бројот на вработени со физичко присуство во приватниот сектор, а продолжена е забраната за собири во домовите, со исклучок на посета на најмногу две лица доколку станува збор за роднини од прв и втор степен.

Една седмица подоцна во училишните клупи ќе се вратат учениците од основните училишта и матурантите, ќе се отворат продавниците, моловите и трговските центри, обложувалниците, музеите и археолошките локалитети, црквите, а во домовите се дозволени посети на најмногу четири лица.

Паралелно и понатаму во сила ќе биде полицискиот час и задолжителното испраќање СМС пораки за движење на граѓаните.

Министерот за здравство на Кипар истакна дека на сите оние кои ќе се вратат на работа ќе им се направат брзи тестови, а од понеделник ќе биде задолжително за сите компании секоја седмица да тестираат 20 отсто од вработените.

Во однос на процесот на вакцинација, Јоану посочи дека интересот е поголем од очекуваниот, а целта е до почетокот на март да бидат вакцинирани лицата над 80 години и здравствените работници што се во првите редови во борбата со пандемијата, а до крајот на март вакцината да ја примат 100.000 граѓани.

Би можело да ве интересира

Кипар ја намалува на три месеци валидноста на потврдата за прележан Ковид-19

За да ја поттикне вакцинацијата, Кипар ги укина бесплатните брзи тестови

Македонија останува на портокаловата листа за патување на Кипар

Бонус за летен одмор за вакцинираните на Кипар

Министрите од кипарската влада се вакцинираат со „Астра зенека“

Се вакцинираше претседателот на Кипар