Грчкиот премиер Андонис Самарас и лидерот на ПАСОК Евангелос Венизелос денеска ќе одржат средба на која ќе разговараат за реконструкција на Владата откако Демократкста левица во петокот ја напушти владината коалиција поради несогласувањата околу затворањето на државната телевизија ЕРТ.
– Владата помина низ тежок период во последните неколку дена, но таа застана на нозе и продолжува со нова одлучност и многу подобра соработка, изјави Самарас за викенд изданието на „То Вима“.
По неуспехот на третата рунда преговори меѓукоалициските партнери за затворањето на ЕРТ, лидерот на ДИМАР Фотис Кувелис ги повлече своите два министри од Владата – за административна реформа Андонис Манитакис и за правда Андонис Рупакиотис.
Конзервативната Нова демократија на Самарас и ПАСОК заедно контролираат само 153 од 300 места во Парламентот. Неколку независни пратеници исто така можат да ја поддржат Владата, а Демократската левица најави дека би можела да поддржи некои реформи со цел Грција да се здржи во еврозоната.
Според добро упатени извори, односот на министрите на Нова демократија наспроти оние на ПАСОК во новата влада ќе биде два спрема еден.
„Катимерини“ повторно ги актуелизира гласините дека Венизелос може да биде нов министер за надворешни работи, функција која во моментов ја има Димитрис Аврамопулос.
Меѓу оние кои се очекува да ги задржат своите позиции се министерот за развој Костис Хаџидакис, министерот за јавен ред Никос Дендиас, министерот за туризам Олга Кефалојани и министерот за образование Константинос Арванитопулос. Министерот за финансии Јанис Стурнарас исто така се очекува да остане на својата функција.
Се шпекулира и дека патениците на Нова демократија Киријакос Мицотакис и Макис Воридис исто така се кандидати за функции во новата Влада, пишува провладиниот весник.