Грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос од денеска ќе учествува на годишната конференција за безбедност во Минхен, на чии маргини ќе се сретне со американскиот потпретседател Џо Бајден и со шефот на турската дипломатија Ахмет Давутоглу.
Како што јави допсиникот на МИА од Атина, Аврамопулос ќе одржи неформална средба со Бајден, што ќе биде прв контакт меѓу грчката Влада и администрацијата на Барак Обама по неговиот реизбор за претседател на САД.
Интересно е тоа што провладиниот весник „Катимерини“ нагласува дека средбата Аврамопулос-Бајден доаѓа по состанокот на Метју Нимиц со амбасадорите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис по која медијаторот изјави дека позициите на двете земји се „искристализирани“ и оти „тие работат напорно со цел постигнување решение“.
На средбата со Давутоглу, која е закажана за сабота, се очекува да се разговара за состанокот на грчко-турскиот совет за соработка на високо ниво кој ќе се одржи во март во Анкара.