Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун покажал разбирање за позицијата на Никозија дека преговорите за кипарското прашање не можат да бидат обновени пред есента, изјави кипарскиот министер за надворешни работи Јоанис Касулидис во Њујорк, соопшти електронското издание на кипарскиот грчки весник „Политис“.
Изминатата ноќ Касулидис и Бан Ки-мун разговараа во седиштето на ОН во Њујорк. Касулидис инсистирал да се покаже разбирање за ситуацијата во Кипар по однос на економските проблеми, па затоа претседателот Никос Анастасијадис треба да се концентрира врз мерките за обновувањето на економијата на земјата.
Тоа, пак, го наметнува одложувањето на преговорите за есен. Шефот на кипарската дипломатија изјави дека е неопходно подобрување на климата на доверба меѓугрчката и турската заедница на островот.
-Сметаме дека прашањата што го засегаат природниот гас се целосно надвор од темите што ги засегаат обидите за решавање на кипарското прашање, изјави Касулидис по средбата.
Тој додал дека нитугенералниот секретар на ОН, ниту неговиот специјален советник Александар Даунер некогаш покренале прашања поврзани со енергетските резерви во посебната економска зона на Република Кипар во Средиземно Море.
Во краткото соопштение на ОН по повод средбата Бан – Касулидис се посочува дека двајцата го разгледале развојот на настаните во Кипар и „особено перспективата за почнување на преговори меѓукипарските Грци и кипарските Турци“.