Бугарија направи правилен избор со тоа што го определи Западен Балкан како еден од приоритетите за време на своето преседавање со Унијата, изјави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во интервју за „Дојче веле“.
„Земјите од Западен Балкан заслужуваат да добијат шанса за членство во ЕУ. Тоа нема да се случи во рамките на мојот мандат, но ние уште сега треба да ги поставиме основите, а самите земји треба да се зафатат со потребните реформи, за да можат да станат членки на ЕУ во скоро време“, рече Јункер.
Во интервјуто тој посочи дека благодарение на бугарската Влада веќе се направени важни чекори во оваа насока, како што е Самитот на ЕУ на високо ниво за Западен Балкан, што премиерот Борисов го закажа за 17 мај во Софија. Според Јункер, овој Самит е важна пресвртница во поглед на Западен Балкан.
„Бугарија ги има сите неопходни предуслови за да му помогне на Балканот. Ги познава регионот, културата и јазиците и поради тоа што успешно го помина процесот што води кон пристап во ЕУ“, заклучи Јункер.
Е.Т.