Словенија нема пари да го плати надоместот за државјаните на поранешните југословенски републики кои биле избришани од регистерот на постојани жители на Словенија во 1992 година, бидејќи нема доволно средства да ги покрие ниту итните трошоци, изјави денеска во Брисел словенечкиот премиер Јанез Јанша
Европскиот суд за човекови права вчера ја потврди својата пресуда од 2010 година според која Словенија, во текот на осамостојувањето, со бришењето на постојаното престојувалиште на несловенците без словенечко државјанство, ги прекршила одредбите од Европската конвенција за човекови права, и на шестмина „избришани“ им признала право на отштета.
Како што пренесуваат словенечките медиуми, Јанша, реагирајќи на вчерашната одлука на Европскиот суд за човекови права, на новинарите им изјави дека „надлежните институции се уште ја разгледуваат оваа пресуда“.
-Се што можам да кажам е дека Словенија нема пари, немаме пари да ги покриеме дури и итните трошоци, рече Јанша пред почетокот на самитот на ЕУ во Брисел, нагласувајќи дека Љубљана се уште се обидува да го состави буџетот за следните две години.
Европскиот суд за човекови права на Словенија и нареди да им исплати по 20.000 евра отштета на шестмина од 11-те „избришани“ и 30.000 евра на подносителите на тужбата заеднички на име на трошоци.