Економската криза во Грција продолжува и граѓаните ќе имаат помалку пари за божикни подароци во споредба со минатата година, покажуваат резултатите од истражувањето на консултантската компанија „Делоит“ за куповната моќ на европските потрошувачи за овогодинешните божикни празници, пишува весникот „Вима“.
Грчките потрошувачи планираат да потрошат 406 евра за Божик, што е намалување на буџетот за 12,5 проценти во однос на реалните трошоци што тие ги направиле за Божик минатата година.
Според истражувањето, европските потрошувачи во просек планираат да потрошат 488 евра низ продавниците за Божик, што е само три отсто помалку од реалните трошоци направени за Божик минатата година.
Грците планираат да потрошат 163 евра за храна, 162 евра за подароци и 81 евро за социјални активности.
Во Европа како најчест подарок за пријатели и роднини за Божик годинава се книгите.
Потрошувачката активност се очекува да започне на 1 декември, додека 90 проценти од испитаниците планираат божикните купувања да ги направат кон средината на месецот.