Само 22 отсто од грчките домаќинства се задоволни со нивната финансиска ситуација, додека просекот во Европската унија е речиси трипати поголем, покажаа резултатите од анкета што ја спроведе „Евробарометар“.
Вкупно 77 проценти од Грците ги опишале финансиите на своето домаќинство како „прилично лоши“ или „многу лоши“, додека просекот на 27-те членки на Унијата е 35 проценти, покажува истата анкета. Само шест проценти рекле дека во наредните 12 месеци очекуваат работите да се подобрат, јави дописникот на МИА од Атина.
Податоците, кои биле собрани од 32.000 луѓе од 3 до 18 ноември, покажуваат дека Грците се најголеми песимисти во Унијата.
Само 32 отсто од Грците изјавиле дека се задоволни од својот живот, што ги става далеку под просекот на ЕУ и последни во Унијата заедно со Португалците.
На прашањето кои се најважните работи со кои се соочува Грција во моментот, повеќе од половина испитаници рекле дека невработеноста е најголем предизвик, па потоа економијата. Криминалот е главен проблем за десет проценти од анкетираните.
Вкупно 88 проценти рекле дека „работите се движат во погрешна насока“ за земјата во моментов, наспроти четири отсто кои биле оптимисти во врска со изгледите на Грција.
На прашањето колку се задоволни од начинот на кој функционира демократијата во земјата, само 11 проценти рекле дека се задоволни, додека 89 отсто го рекле спротивното. Само пет проценти од Грците им веруваат на политичките партии, а седум отсто на Парламентот.