Стоте тони нафта што во вторникот се излеаја од танкерот во близина на недопреното крајбрежје во Северен Кипар, претставуваат закана за дивата природа и туризмот во земјата, соопштија денеска севернокипарските власти.
Нафтата се изалеа од танкер која доставуваше гориво за електроцентрала во сопственост на производителот на струја „Акса енерџи“, со седиште во Истанбул, при што создаде нафтената дамка крај бреговите на полуостровот Карпасија која достигна големина од седум километри.
Министерот за животна средина на Северен Кипар, Мехмед Харманч соопшти дека според „Акса енерџи“, истекувањето се случило поради проблеми со притисокот.
– Но, тоа исто така може да е последица и на несоодветно поврзување, рече Харманч, додавајќи дека не е исклучена нитуможноста за човечка грешка.
Локалните власти се обидуваат да го ограничат натамошното ширење на дамката, а Харманч додаде дека супстанци за прочистување, меѓу кои и хемиски раствори, се испратени од Турција, но дека се уште не пристигнале.
ИТАР-ТАСС јави дека од турското пристаниште Мерсин пристигнал специјален брод за чистење на нафтени дамки, а силите на Обединетите нации на Кипар исто така се вклучиле во операцијата.
Харманч нагласи дека е изградена бариера, но додаде дека властите стравуваат од натамошно истекување и бараат начин тоа да го спречат.
Полуостровот Карпасија е природен резерват, кој служи за размножување на редок вид на желки, кои ги положуваат јајцата во песокта во јули и август. Инцидентот се случил во близина на селото Бафра или Воколида на грчки, кое се наоѓа на јужниот дел на полуостровот.
– Сега е најважниот период за размножувањето на желките. Друг ризик има за објектите, кои се наоѓаат во регионот на Бафра, кој е нашата најголема туристичка зона, додаде Харманч. Карпасија, која се простира на 80 километри на североисток, се карактеризира со недопрени плажи и разновидност на дивата природа. Полуостровот е едно од последните неразвиени места во Кипар.
Од компанијата „Акса“ изјавија дека работата на електроцентралата „Калеџик“ не е загрозена.