Началникот на секторот за борба против недозволена трговија со наркотици и поранешен прв човек на полицијата во Улцињ, Рудолф Елезовиќ, за кого беше објавено дека мистериозно исчезнал на територијата на Албанија, во близина на границата со Црна Гора, најверојатно со лажни документи пребегал во САД.
Ова според албанската Ора њуз се сознанија од истрагата кои ги пренесуваат црногорските медиуми, по информациите дека тој всушност бил поврзан со криминална група која шверцувала дрога од Албанија кон Европа.
Неговото исчезнување го пријавила сопругата откако од 27-ми вечерта му се губела секаква трага на границата меѓу Албанија и Црна Гора, во областа меѓу селата Пентар и Реч. Последен регистриран контакт бил со негов близок роднина кому му кажал дека чека лице во близина на областа Пентар на реката Буна за да го пренесе со чамец на црногорската страна.
По ова, истрага почнаа и надлежните органи од северниот албански град Скадар, а беше пребарувано и во реката Буна.
– Црногорскиот висок полициски службеник може тајно да преминал од Црна Гора во Албанија, каде му биле обезбедени лажни документи и побегнал во друга земја, најверојатно во САД. За да добие нелегални документи ги користел своите врски со една од криминалните групи во Албанија.
Според полициски извори, исчезнатиот службеник бил еден од осомничените во врска со акцијата „Стапица“ како личност која на криминалните организации им давала информации за полициското движење и кога сфатил дека бил откриен избегал, наведува телевизијата.
По неговото „изчезнување“ албанските медиуми пренесоа дека Елезовиќ (54) во последно време неколкупати ја минал границата меѓу Албанија и Црна Гора, врз основа на билатералните договори на полициите на двете земји.