Косовскиот премиер, Албин Курти ќе се соочи денеска со пратениците во републичкото Собрание, на интерпелација свикана поради „ургентните мерки на Владата во однос на состојбата во земјата“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Конкретно, интерпелацијата е побарана од опозицијата по ситуацијата создадена на косовскиот север, населен со мнозинско етничко српско население, поради нелегалните регистерски таблички издадени од Србија. Пленарната седница е закажана за во 11.30 часот.
Минатата недела беше постигнат договор меѓу Приштина и Белград, со кој Косово се обврза да не ги казнува граѓаните кои не ги смениле српските со косовски таблички, а Србија да не издава повеќе траблички со акроними на косовските градови. Спогодбата ја постигнаа главните преговарачи на двете земји, косовскиот вицепремиер, Бесник Бислими и директорот на Канцеларијата за Косово при српската влада, Петр Петковиќ, откако два дена порано не успеа средбата меѓу Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Извор: МИА