Високиот претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина Валетин Инцко изјави денеска дека во Поточари и оваа година луѓето се собрале за да им оддадат почит на сите убиени, бидејќи како што рече „ако ги заборавиме тоа би било како повторно да ги убиеме“.
– Во Сребреница се случи геноцид, тоа е факт кој е докажан и ниту една резолуција не може тоа да го промени. Дојдовме да ја кажеме вистината, која се случи тука, бидејќи само вистината може да не донесе до помирување. Дојдовме и да им се заблагодариме на оние кои ја спречиле војната, изјави Инцко обраќајќи се на комеморацијата по повод 20 години од трагедијата.
Тој посака ова да биде век на мир и потсети дека треба да се следи примерот на Германија и Франција, кои некогаш биле непријатели, а денес се столбови на соработка во Европа.
– Дојдовме тука за да се сетиме на сите невини убиени, бидејќи ако ги заборавиме тоа би било како повторно да ги убиеме, рече Инцко и порача дека нема лоши народи, туку само лоши поединци.
Главниот обвинител на Хашкиот трибунал Серж Брамерц изјави дека во Сребреница се случил геноцид и дека тој бил резултат на намерно смислен план на највисоко ниво.
Брамерц во обраќањето во Поточари наведе дека тоа се факти кои повеќе пати биле докажани и додаде дека негирањето на геноцидот претставува искривено прикажување на фактите и навреда за жртвите.
Тој нагласи дека за злосторствата во Сребреница Трибуналот води постапки против 20 лица, а Радован Караџиќ и Ратко Младиќ се наоѓаат во тој суд, каде им се суди за стореното.
Брамерц истакна тие тие две личности ги претставуваат „омразата и злото, кои довеле до геноцид“.
Претседателот на Хашкиот трибунал Теодор Мерон во своето обраќање изјави дека геноцидот е злосторство против целото човештво и оти неговите последици ги чувствуваат сите.
– Силите на босанските Срби извршија геноцид…Тие на сите заробени, мажи, војници, цивили, стари и млади им ги одзеле личните работи и документи, смислено и медотолошки ги убивале исклучиво врз основа на нивната припадност и идентитет, ја прочита Мерон една од пресудите.
Министерот за надворешни работи на Холандија Берт Коендер изјави дека геноцидот, кој е извршен во Сребреница претставува дел од најмрачната европска историја и додаде дека таква трагедијата повеќе не смее да се дозволи да се случи.
Констатирајќи дека меѓународната заедница не им пружила соодветна заштита на луѓето во заштитените зони, така ниту во Сребреница, тој истакна дека таа одговорност ја чувствува и неговата земја, поради што холандската Влада во 2002 година поднесе оставка.