Победникот на словенечките парламентарни избори и иден премиер Роберт Голоб најави дека ќе го оспори назначувањето на 15 амбасадори чие именување го иницирала владата во заминување на Јанез Јанша.
Доколку претседателот Борут Пахор ги одобри 15-те амбасадори, блиски соработници на премиерот Јанша, нашата партија Движење на слободата ќе покрене постапка за да се сменат, рече синоќа Голоб на јавна трибина.
Тој информира дека веќе го известил Пахор за неговото противење да ги потврди кандидатите за амбасадорските места, кои се многу блиски до Јанша, непосредно пред истекот на мандатот на актуелната влада.
– Очекуваме негово разбирање за фактот дека новата влада не може да води надворешна политика со амбасадори кои би се спротивставиле на таа политика, рече Голоб.
Тој додаде дека верува оти тоа што има намера да го спроведе е „целосно легитимно“ и дека тоа би го направила секоја нова влада.
Голоб најави и дека новата влада ќе ги спроведе опсежните неопходни кадровски промени во државниот апарат и јавните претпријатија.
– Строго и доследно мора да почнеме да ги испитуваме стручноста и квалификациите на сите кадри во земјата, рече Голоб.
Како еден од приоритетите по формирањето на новата влада, Голоб ја нагласи регулацијата на цените на енергенсите и најави дека во Владата ќе се формираат нови министерства кои ќе се занимаваат со климатските промени и енергетските прашања.
Имињата на повеќето министри во неговата влада ќе бидат познати утре, два дена пред конститутивната седница на новиот парламент, најави Голоб, кој пред првата седница треба да ги договори основите на коалицискиот договор на неговото Движење за слобода со социјалдемократите на Тања Фајон и Левица на Лука Месец.
Извор: МИА