Хрватската актерка Сања Вејновиќ е последната од многуте жени од овие простори кои деновиве истапуваат со сведоштва за претрпено сексуално злоставување, поттикнати од случајот на Милена Радуловиќ во Србија, која била силувана од учителот по глума Мирослав Алексиќ.
Вејновиќ, зборувајќи на телевизијата РТЛ, рече дека се надева дека Пандорината кутија е отворена, а дека во неа, како во приказната од грчката митологија, останува надежта.
„Кога ќе кажеме Милена Радуловиќ, секогаш ја кажуваме и нејзината професија – актерка. И целата приказна почнува да се врзува за нашата професија. Таа била малолетна кога се случувало злоставувањето. Силувањата ги извршувал драмски педагог во една школа која таа ја посетувала како слободна активност. Ѝ се восхитувам што најде храброст и сила да истапи со свое име и презиме и со име и презиме на злоставувачот, силувачот, не можеме повеќе да молчиме како општество,“ рече Вејновиќ во интервјуто.
Таа вели дека ваквите приказни не се својствени само за актерската професија, а предаторите се среќаваат насекаде.
„Деновиве слушам приказни од деца на мои пријатели. Некој студира медицина, некој стоматологија – многу слични приказни слушаме, па нека се отвори и тоа“, рече актерката, додавајќи дека злоставувачите не можат да се стават во еден калап и дека немаат шаблон.
Вејновиќ рече дека и таа имала слични искуства.
„Можам да споменам еден пример кој би можел да го илустрира она што треба да се смени да се случи, превенцијата која е ужасно важна од најраниот школски период па до подоцна. Додека бев девојче, во пубертет во основно училиште. Во тоа време, момчињата не можат да ги смират своите хормони, кои ги манифестираат така што ги фаќаат девојчињата за гради и места кои не се пријатни. Тоа искуство мене никако не ми беше пријатно, а не им беше ни на моите другарки. Се пожаливме кај класната, која ни даде одговор дека тоа се момчиња, дека им работат хормоните и дека тоа е нормално. Тогаш тој одговор го прифатив, а сега се прашувам дали тоа беше одговор на еден педагог,“ рече актерката.
Таа се осврна и на случај од нејзината актерска кариера.
„Тој имаше 25 години повеќе, оженет и многу познат и прифатен во општеството. Сите го сакаа. Починат е, па нема да му го кажам името. Тој насила сакаше да влезе во мојата соба кога бевме во хотел на снимање. Го истуркав, ништо не се случи. Реков дека ќе врескам и го истуркав од собата,“ раскажа Вејновиќ, додавајќи дека следното утро не кажала никому за случката.
„Бев среќна што извојував своја мала победа и што го избркав. Тој ми се лутеше и не разговараше со мене. Не сакаше да го помине текстот пред сцената и ми се закануваше дека ќе ми ја одземе главната улога во филм кој требаше наскоро да го снимам. И тоа навистина се случи,“ вели Вејновиќ, која нагласува дека не го криела инцидентот со постариот актер од филмската околина.
„Секогаш кога ќе се споменеше неговото име, јас кажував што ми се случи со него и на тој начин самата себеси си олеснував, дека сепак го кажувам тоа на некој. Не смееме да молчиме,“ заклучи Вејновиќ.