Поранешниот претседател на Република Кипар, Димитрис Христофијас ќе даде изјава пред главниот обвинител на Островот откако тој не сакаше да сведочи пред специјална комисија што врши истрага за причините за банкарската криза во државата.
Тоа е одлуката на специјалната комисија донесена на синоќешна седница на која поранешниот претседател требаше да даде изјава.
– Економската криза на Кипар не е должничка криза, ниту пак беше предизвикана од состојбата со буџетот во државата. Структурни проблеми имало во економијата и ќе има во следните децении. Најголемата штета дојде од неопходноста за рекапитализација на Народната банка од страна на државата која чини 10 отсто од БДП и околу 25 отсто од годишниот буџет што беше и причина државата да побара финансиска помош од Европскиот механизам за поддршка, изјави Христофијас.
Неговата партија, комунистичката АКЕЛ го оквалификува како „недозволено“ однесувањето на комисијата и според нив, Христофијас не откажал да сведочи туку само побарал посебен однос на истрагата спрема него.