Кипарскиот претседател Димитрис Христофиас изјави дека ќе го отфрли секое барање од меѓународните кредитори за продажба на државни компании како дел од договорот за доделување кредитна помош на земјата.
Планот за постигнување спасувачки договор со Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд предвидува Кипар сериозно да размисли за приватизација доколку долгот на земјата се покаже како неодржлив.
Христофиас сепак денеска изјави дека нема намера да се согласи на приватизација, бидејќи е „верен“ на својата партија АКЕЛ, која има комунистички корени.
Кипарскиот претседател нагласи дека доколку кредиторите настојуваат за вклучување на приватизацијата во договорот, тогаш ќе треба да почекаат до следната Влада. Кипар ќе спроведе претседателски избори на 17 февруари и Христофиас нема да се кандидира за нов мандат.
Земјите членки од еврозоната ќе треба да донесат одлука за доделување спасувачки заем на Кипар на 21 јануари.
Економијата на Кипар, која е трета најмала во еврозоната се очекува годинава да се намали за 3,5 проценти, а нивото на невработеност да достигне 13,7 отсто.