Хоти до Тачи: Ругова беше против поделба на Косово

Од:

Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти ги отфрли како невистинити наводите на косовскиот претседател Хашим Тачи дека идејата за корекција на границата со Србија прв ја изнел основачот на ЛДК и прв претседател на Косово Ибрахим Ругова, јави дописникот на МИА од Приштина.

Хоти во објава на Фејсбук вели дека Тачи со таквото невистинито тврдење се обидува да ги оправда сопствените противуставни дејствија.

– Претседателот Ругова категорично ја одбиваше идејата за територијална поделба на Косово. Тоа е вистината. Актуелниот претседател не може да се повикува на наводни изјави на претседателот Ругова за да ги оправда своите неуставни дејствија, напиша шефот на пратениците на најголемата опозициска партија во Косово.

Како потврда на своето тврдење, Хоти пренесува интервју што Ругова го дал на новинарот Блерим Шаља, кој е актуелен советник на Тачи, во 2004 година за весникот „Зери“. Во делот што го објавува Хоти, на прашањето „дали западните лидери ја поддржуваат идејата на Србија за територијална поделба на Косово“, Ругова одговара дека тој „не користи такви термини“ и дека „таквите концепти би ги вратиле тензиите на Балканот“.

На денешната конференција организирана од Институтот за европски прашаења и развој (РИДЕА), на тема „Гласот на народот за ‘големото финале’ меѓу Косово и Србија“, Тачи рече дека идејата за корекција на границата со Србија, за која тој упорно се залага од минатото лето, прв ја изложил Ругова, а подоцна и поранешниот претседател на Собранието, академикот Неџат Даци и членот на раководството на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), градоначалникот на Гњилане Љутфи Хазири.

Прашањето чија е идејата за „корекција на границите“ или размена на територии, на косовскиот претседател на конференцијата му го постави Ненад Рашиќ, лидер на партијата на косовските Срби, Демократска прогресивна партија, на што Тачи одговори дека Србија се залага за поделба, додека тој е „само за припојување кон Косово на Прешевската долина“.

На идејата на косовскиот претседател се спротивставува сиот албански политички спектар во Косово, а меѓу малубројните подржувачи е градоначалникот на Гњилане, Хазири, кој се залага за припојување на Прешевската долина, без при тоа да се отстапи територија на Србија.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ вчера изјави дека „разграничувањето со Косово“ е официјалниот предлог на Белград за решавање на споровите со Приштина.

Би можело да ве интересира

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

УЕФА донесе одлука за прекинатиот натпревар меѓу Романија и Косово

Курти: Косово и Македонија немаат несогласувања, ние сме соседи, пријатели и партнери

Катерина Ѓуровски

Мицкоски пристигна во Косово, во тек меѓувладината седница

Катерина Ѓуровски

Заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово во Приштина