Харадинај: Тачи може да предизвика безредија за да го спроведе планот за поделба на Косово

Од:

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај одговори денеска на предупредувањата од претседателот Хашим Тачи дека „ќе биде сменет“ доколку продолжи да се противи на идеите за корекција на границите, порачувајќи дека „единствениот начин да се одржат во живот идеите на Тачи се сценаријата за предизвикување немири во северниот дел на Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според Харадинај, во функција на остварување на идеите на косовскиот претседател за размена на територии со Србија, како решение за споровите меѓу двете земји, беше и неговата посета, од пред десетина дена, на езерото Газивода (Ујман) на косовскиот север, на границата со Србија, што предизвика остри реакции на официјален Белград, па дури и наредба од српскиот претседател Александар Вучиќ за подигнување на борбената готовност на Војската на Србија.

Харадинај по денешната седница на Владата изјави дека Тачи може да ја одржи во живот својата идеја единствено доколку се реализираат некои негови сценарија за немири во северниот дел од земјата, населен со мнозинско српско население.

– Единствен начин да се одржи во живот е некое сценарио за инциденти во северниот дел, со цел да се каже дека „ете, земјата се подели“, изјави Харадинај пред новинарите по денешната владина седница.

Харадинај беше дециден и во однос на заканите на Тачи дека може да го смени од премиерската позиција.

– Кој сака да ја урне владата нема да зборува, туку ќе го стори тоа, изјави Харадинај.

Диреклтен повод за овој конфликт меѓу премиерот и претседателот на Косово беше вчерашната изјава на Харадинај дека „идејата за корекција на границите е мртва“, при што изрази и сочувство до заговорниците на таквото решение за споровите со Србија.

Тачи, главниот, и речиси единствен промотор на решението на споровите со Србија по пат на „корекција на границите“, веднаш одговори дека премиерот „треба да се коригира“, а дека „тие што не се корегираат се сменуваат“.

Косовскиот претседател Тачи последните неколку месеци ја промовира идејата за „корекција на границите со Србија“, додека премиерот Харадинај, како и најголемиот дел од владејачките и опозициските партии, но и од косовската јавност, остро се спротивставуваат на идејата на Тачи од самиот почеток.

Решението што го нуди Тачи,со размена на територии, изразено преку декларативната заложба за „корекција на границата“, има поддршка и од српскиот државен врв, пред се од претседателот Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, кои тоа го нарекуваат „разграничување со Косово“.

Би можело да ве интересира

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

УЕФА донесе одлука за прекинатиот натпревар меѓу Романија и Косово

Курти: Косово и Македонија немаат несогласувања, ние сме соседи, пријатели и партнери

Катерина Ѓуровски

Мицкоски пристигна во Косово, во тек меѓувладината седница

Катерина Ѓуровски

Заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово во Приштина