Германската канцеларка Ангела Меркел во вторник ќе допатува во прва посета на Грција откако земјата длабоко заглави во спиралата на должничката криза.
И додека за грчките политичари посетата на германската канцеларка е добредојдена, најголемите синдикати во земјата по повод доаѓањето на Меркел во Атина најавија демонстрации пред грчкиот Парламент и тричасовно запирање на работата.
Синдикатите во соопштение наведоа дека работниците, пензионерите и невработените не можат повеќе да ја трпат казнената политика на Европската унија, пренесе Дојче веле.
За време на посетата Меркел ќе се сретне со грчкиот премиер Антонис Самарас, а како што најави портпаролот на германската канцеларка Штефан Зајберт, главни теми на разговорите во Атина ќе бидат ситуацијата во Грција, во еврозоната, актуелните меѓународни проблеми и билатералните односи меѓу двете земји. Самарас изјави дека посетата на канцеларката претставува добра вест.
Портпаролот на грчката влада Симос Кедикоглу, пак, истакна дека посетата ќе претставува чекор напред кон решавањето на должничката криза во еврозоната.