Грција и денеска повторно е во штрајк на повик на синдикатите, кои се противат на пакетот-закони за преструктуирање на државниот сектор, за кој грчкиот Парламент треба да се изјасни вечерва.
„Не на отпуштањата“, извикуваа синоќа илјадници Грци во центарот на Атина со барање за повлекување на законите, кои освен редуцирање на државниот сектор, предвидуваат и нови даноци и други измени во замена за продолжување на меѓународното финансирање на земјата.
За денеска попладне е планиран митинг во Атина, а вечерва на плоштадот Синтагма во центарот на грчкиот главен град ќе се одржи протестен собир пред зградата на Парламентот за време на гласањето по пакетот закони.
Поради штрајкот и денеска општините во цела Грција се затворени. Проблеми ќе има и во работата во јавниот превоз, возовите и цивилните летови. Денеска не работат ни голем дел од вработените во државните болници.
Штрајкуваат и вработените во комуналните служба, во банките и медиумите, а поради планираните отпуштања на улица ќе излезат и педагозите и наставниците.
Владата на премиерот Андонис Самарас вети намалување на 15 илјади работни места во државниот сектор до крајот на 2014 година и префрлување на 12.500 вработени во т.н. „мобилна шема“, при што тие ќе бидат преместени на други должности и ќе треба да си најдат нова работа во рок од осум месеци, по што ќе бидат отпуштени.
Штрајкови се очекуваат и утре кога во Грција пристигнува германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле.