Речиси 10 милиони Грци, од кои половина милион се нови гласачи, утре ќе гласаат на европските и локалните избори во Грција. Иако граѓаните се повикани да изберат претставници во Европскиот Парламент, градоначалници, префекти и членови на општинските и регионални совети, во предизборниот период во Грција, утрешните избори добија карактер на парламентарни избори, јави дописничката на МИА од Атина.
Оваа карактеристика произлезе и од говорите на лидерите на политичките партии за време на предизборните митинзи низ цела Грција, но и од фактот што се први избори по четири години во кои земјата излезе од кризата и меморандумската политика што носеше мерки на штедење. Глас за доверба на владата и политиката што носи позитивни мерки за закрепнување на економијата и општеството бараше грчкиот премиер речиси од сите митинзи, глас за недоверба на владата и глас за промена, бараше лидерот на опозициската Нова демократија.
Плоштадите и улиците во центарот на Атина, веќе над две седмици се „преплавен“ од предизборни штандови, односно мобилни штабови на партиите.
На плоштадот Синтагма во строгиот центар на Атина, се наоѓаат штандовите на владејачката СИРИЗА. Од едната страна кандидатите за градоначалник на грчката престолнина и префект на областа Атика, од другата страна предизборниот штанд за европските избори.
Волонтерите и членовите на партиите денес го прават последниот обид да ги убедат неодлучните да ја поддржат токму нивната партија.
Истражувања на јавното мислење предвидуваат победа на Нова демократија
А токму неодлучните, оние кои според истражувањата на јавното мислење се во просек од околу 10%, се проценува дека може да бидат пресудни на утрешните избори. Доколку се направи анализа на анкетите спроведени од грчите агенции за рејтинг спроведени во изминатиот период за медиумите, се доаѓа до заклучок дека Нова демократија би била победник со разлика што се движи меѓу 3.4 и 7.5%. За третото место, битката ја водат Движење на промена и Златна зора, а границата од минимум 3% за обезбедување пратеници во ЕП ја надминуваат 5 партии (Нова демократија, СИРИЗА, Движење на промена, Златна зора и Комунистичката партија на Грција), јави дописничката на МИА од Атина.
На минатите евроизбори во мај 2014, вкупно седум партии имаа свои пратеници во ЕП. СИРИЗА беше победник со 26,57% и доби шест пратенички места во Европскиот парламент, зад неа беше Нова демократија со 22,72% и
пет пратеници, а потоа следеа Златна зора со три, коалицијата на ПАСОК, Река И Комунистичката партија со по две пратенички места и Независни Грци со еден пратеник.
Сценарија за предвремени парламентарни избори
Доколку изборниот резултат донесе многу мала или пак многу голема разлика меѓу Нова демократија и СИРИЗА, тогаш, според последните сценарија во Грција, не е исклучено грчкиот премиер да одлучи да оди на предвремени парламентарни избори на крајот од следниот месец, поконкретно на 30 јуни што се споменува како можен термин.
Впрочем, вчерашната изјава на Алексис Ципрас во интервјуто за државната телевизија ЕРТ, кога рече дека доколку утре, граѓаните со нивниот глас не ја поддржат владината политика, тогаш сите опции се отворени, голем дел од медиумите ја толкуваа како отворена можност за предвремени парламентарни избори, нешто што до неодамна, токму самиот Ципрас категорично го демантираше.
И за време на синоќешниот предизборен митинг во Атина, грчкиот премиер уште еднаш повтори дека конечниот одговор на владиниот план и владината политика ќе се даде на есен, „во вториот голем круг, во големата битка на националните избори за голема победа на народот за нова перспектива на новиот четиригодишен мандат“.
За прв пат право на глас во Грција имаат и 17-годишните.
На изборите Грција право на глас имаат 9 922 294 граѓани, 536 920 се нови гласачи, од кои 106 760 се на возраст од 17 години, кои оваа година на прв пат имаат право на глас, односно ќе гласаат и родените меѓу 1 јануари 2002 и 31 декември истата година.
Гласачките места ќе бидат отворени од 7 часот наутро до 19 часот, а традиционално веднаш по затворањето на гласачките места, медиумите во соработка со агенциите за рејтинг ќе објават предвидување на изборниот резултат, односно т.н exit polls, кои доста често го најавуваат победникот, јавува МИА.
Првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција, кое е и надлежно за пребројувањето на гласовите, се очекува да бидат соопштени околу 21-21.30 и ќе се однесуваат на Европските избори.
Гласањето во Грција е задолжително за граѓаните, освен за оние кои што живеат во странство, се над 70годишна возраст или на денот на гласањето се наоѓаат на оддалеченост од над 200 километри од местото каде што гласаат. На евроизборите, Грците кои живеат во странство ќе можат да гласаат во дипломатските претставништва на Грција во земјата на престој, доколку претходно се пријавиле, но тоа не важи и за локалните избори за кои гласање ќе има само во Грција.
На европските избори учествуваа 40 политички партии и коалиции, кои со свои кандидати ќе се борат место во Европскиот Парламент, во кој Грција учествува со 21 европратеник. Гласачите ќе можат да изберат најмногу четворица кандидати, а за партиите да добијат свој претставник во ЕП ќе треба да освојат минимум 3%.
На локалните избори, Грците ќе гласаат за: избор на регионални и општински власти, за избор на префект и членови на регионален совет, за избор на градоначалник и членови на градски совет и за избор на органите за управување со заедницата (советници на заедницата за заедници од над 300 жители или претседатели на заедници за заедници до 300 жители).
Доколку во првиот круг на локалните избори во општините и префектурите ниту една партија или коалиција не добие 50%+ 1 глас, тогаш на 2 јуни ќе се одржи втор круг.
Бесплатни патарини и електрични тротинети за гласачите.
Со одлука на министерот за транспорт и врски на Грција, Христос Спирѕис, за да се олесни гласањето на граѓаните, отворени ќе бидат патарините на најголемите автопати во земјата, односно возилата ќе поминуваат без да платат,.
Одлуката важи од вечер на полноќ до утре на полноќ,но и за следната недела 2 јуни, кога ќе се одржи вториот круг од локалните избори.
За полесно да стигнат на гласачките места, на Грците во Солун и Атина ќе им стојат на располагање, бесплатно и електрични тротинети, објави МИА. Ова е дел од кампањата во цела Европа на компанијата во чија сопственост се електричните тротинети за изнајмување за да ги охрабрат граѓаните да одат на гласање.