Грција на ММФ на 6 мај треба да му плати 200 милиони евра камати

Од:

Следната исплата на Грција кон Меѓународниот монетарен фонд, во вкупна вредност од околу 200 милиони евра во камати доспева на 6 мај, поради првомајските празници во Грција, изјави портпаролот на ММФ, пренесува дописникот на МИА од Атина.

Џери Рајс рече дека Фондот нема „детална“ проценка на ситуацијата со ликвидноста на Грција и изрази надеж дека ќе добие повеќе информации во текот на преговорите на Атина со ММФ и европските кредитори, кои беа обновени вчера во Брисел.

Претставници на финансиските пазари изразија сомнеж за тоа дали Грција има пари за да го плати долгот кон ММФ овој месец, додека се уште исплаќа плати и пензии.

Следната рата на Грција кон ММФ, во вредност од 750 милиони евра, доспева на 12 мај, и официјална Атина веќе навести дека ќе биде многу тешко да го подмири долгот.

Грчката Влада вчера сигнализираше дека е подготвена на најголеми отстапки откако почнаа преговорите со кредиторите за пакетот реформи. Атина се соочува со се поголем притисок дома и во странство да постигне договор со европските кредитори и ММФ за да се избегне национален банкрот.

Во меѓувреме, агенцијата Блумберг, повикувајќи се на свои извори, објави дека Грција и нејзините европски партнери планираат да постигнат договор на почетокот на следната недела.

Двете страни прелиминарно го одредиле датумот 3 мај за постигнување на првичен договор, за да можат министрите за финансии на земјите од еврозоната на состанокот на 11 мај да го одобрат договорот и да ги одблокираат финансиските средства за Грција. Клучен фактор кој може да доведе до постигнување на пробив во преговорите е одлуката на премиерот Алексис Ципрас да учествува во нив.

Сепак се уште постојат сериозни пречки за успешна завршница на преговорите, коментира агенцијата.

Договорот се уште може да запне поради несогласувањата внатре во Владата на Ципрас. Показател дека се уште има пречки кои треба да се надминат е соопштението на грчкото Министерство за финансии во кое се вели дека Владата „ги задржува црвените линии“ во преговорите, кои го вклучуваат данокот на промет за островите, реформите во пензискиот систем и пазарот на труд, како и приватизацијата.

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Драма во авионот за Грција: Пијан патник се обидел да упадне во пилотската кабина

Горан Наумовски

Серија земјотреси го погодија Крит