Грчките власти оваа недела ќе распишат тендер за управување со десетина марини, во рамки на настојувањето да се привлечат приватни инвеститори за поттикнување на профитабилниот јахтинг-туризам.
Државната агенција задолжена за приватизација (ХРАДФ) соопшти дека до јуни ќе бидат распишани шест меѓународни тендери за 46 марини, а грчкото Министерство за финансии вети дека ќе ги олесни процедурите за издавање дозволи за инвеститорите.
– Постои голем интерес во Грција и странство, изјави на прес-конференција генералниот директор на ХРАДФ Јианис Емирис.
Покрај обезбедувањето приход, бидејќи земјата е во длабока рецесија, грчката Влада се надева дека со развој на марините би можело да се поттикне раст во клучниот туристички сектор.
– Туризмот на марините може да им донесе големо богатство, да помогне во отварање на нови работни места и да и даде надеж на Грција, истакна Емирис.
Според министерката за туризам Олга Кефалогијани „регистрирани се 153 марини, но помалку од 25 функционираат според меѓународните стандарди“.