Грчките власти соопштија дека во 2012 година заплениле 13.000 тони илегално пресечени дрва бидејќи Грците почнаа да сечат шуми за да загреат свои домови во време на раст на цени на нафтата за домаќинство во презадолжената држава.
– Во 2012 година властите запленија вкупно 13.088 тони илегално пресечени дрва, 425 возила со кои се транспортирани дрвата и 426 алати за сеча, се вели во соопштение од Министерството за екологија во Атина.
Лани се поднесени 3.105 жалби заради нелегална сеча на шуми, воглавно на север во државата.
Во обид да ја наполнат државната каса, грчките власти ги усогласија акцизите на нафтата за домаќинство со акцизите за бензин што е уште еден удар за домаќинствата кои веќе трета година се под мерки за штедење.