Грчките спасувачи денеска ја прекинаа потрагата по преживеани по трагичниот директен судир на патнички воз со товарен воз во клисурата Темпи во близина на градот Лариса.
Во судирот загинаа најмалку 57 лица, а десетици луѓе беа повредени.
Тагата на грчкото општество за жртвите од несреќата на 28 февруари се претвора во гнев, пренесува Ројтерс.
Околу 2.000 студенти синоќа протестираа во Атина, а имаше и судир со полицијата.
Студентски протести се одржаа и во Солун и Лариса.
Уапсен е управителот на железничката станица во Лариса, а грчката влада смета дека за оваа трагична несреќа причинител е човечкиот фактор.
Синдикатите на железничарите, кои од средата штрајкуваат, тврдат дека оваа несреќа била неизбежна поради немањето безбедносни системи и недоволниот број вработени.
Тие бараат од грчката влада јасен рок за спроведување на безбедносните протоколи.