Грчката Влада денеска до Парламентот треба да го поднесе на гласање предлог законот за промена на даноците кој е дел од барањата на меѓународните кредитори за намалување на долгот до 124 отсто од БДП до 2020 година, јави дописникот на МИА од Атина.
Во меѓувреме, министрите за финансии од еврозоната денеска телефонски ќе ги разгледаат резултатите од откупот на грчките обврзници чиј рок беше продолжен.
Во четврток министрите ќе решаваат дали на Грција да и дадат помош од преку 34 милијарди евра. Деблокирањето на оваа сума, која е замрзната веќе неколку месеци, зависи од успехот на операцијата за откуп на грчкиот долг.