Грчкиот парламент, доцна во ноќта кон понеделникот го изгласа буџетот за 2013-та година и покрај масовните улични протести, за да продолжат да добиваат финансиска помош и да се избегне државен банкрот.
Буџетот беше поддржан од страна на сите три партии во владејачката коалиција на премиерот Антонис Самарас, што значи дека буџетот е донесен со убедливо мнозинство.
Усвојувањето на овие акти беше нужно за да се деблокира новата транша помош од ЕУ и ММФ во вредност од 31.5 милијарди евра, пред официјална Атина да снема пари.
„Жртвите кои ги поднесуваме во рамките на тој закон и во буџетот за следната година беа последни. Некои неправди ќе се исправат, штом ќе излеземе од рецесијата. Но реформите кои што претходно ги донесовме се трајни и ќе донесат раст на нашата економија”, рече премиерот Самарас во парламентот пред гласањето.
Неговите критичари се скептични околу тоа, но се чини дека нивото на јавен гнев покажува знаци на замор. На протестите пред парламентот во неделата присуствуваа значително помалку луѓе од вообичаеното, по проценка на полицијата околу 13.000.
Минатата недела на улиците на Атина излегоа речиси 100.000 незадоволни.
Поголемиот дел од жителите на Грција се доведени до очај поради падот на економијата, пет години по ред и остриот пад на животниот стандард. Тие стравуваат дека дополнителните намалувања во буџетот само ќе ја продлабочат кризата.
Се очекува дека следната година грчката економија, ќе падне за 4,5 отсто, а јавниот долг (346 милијарди евра) ќе се зголеми на 189 отсто од БДП. Но, буџетскиот дефицит ќе биде 5,2 отсто од БДП, во споредба на оваа година со 6,6 отсто, а кога ќе се отстранат цената на камати на огромниот грчки долг, Грција, за прв пат по неколку децении ќе има мал профит.
Најголемите жртви од новиот буџет ќе ги поднесат пензионерите и јавните службеници од чии приходи планира да се заштеди 10.6 милијарди евра.