Грчкиот министер за правда Хараламбос Атанасиу негираше дека размислува за можноста да поднесе оставка во врска со условното ослободување од притвор на тројца пратеници од крајнодесничарската партија Златна зора, соопшти весникот „Катимерини“.
Атанасиу, кој зборуваше пред новинарите по средбата со еврокомесарот за правда Вивиан Рединг во Брисел, гласините за неговата оставка или оставка на министерот за јавен ред Никос Дендиас ги оцени како „апсурдни“.
-Фактот дека пратениците на Златна зора се ослободени не значи дека тие веќе не се осомничени или дека нема индиции дека се виновни. Притворањето пред процесот вклучува серија критериуми, како на пример непозната адреса на осомничените или дали е можно да извршат други кривични дела или истрагата да продолжува, изјави Атанасиу.
Тројца пратеници на крајнодесничарската партија Златна зора беа неочекувано ослободени пред започнувањето на судскиот процес под обвинение за нивно учество во криминална организација, а четвртиот беше оставен во притвор, соопштија британските медиуми.
Тие немаат право да ја напуштат земјата.
Портпаролот на партијата Илиас Касидиарис бил ослободен со гаранција од 50.000 евра под услов да не ја напушта земјата. Илиас Панајотарос и Никос Михос беа ослободени со наметнато ограничување за патувања, а Јоанис Лагос е оставен зад решетки.